По повеќе од една година изложеност и без епилог во Собранието не сум изненаден што вака заврши мојата кандидатура. Изненаден сум од односот на нефер игра и мое непотребно изложување кон јавноста цели две години, рече во изјава за тв 24 поранешниот државен обвинител Љубомир Јовевски.
Изјавата доаѓа по неговата кандидатура за уставен судија, која партијата СДСМ денеска ја повлече. Владеачката СДСМ денеска на собраниската Комисија за избор и именувања го повлече предлогот, Јовески да биде избран за судија во Уставниот суд. Кандидатурата на Јовевски за судија во Уставен суд, во Собрание чекаше повеќе од една година, во меѓувреме тој се пензионираше и веќе не е јавен обвинител.
-Нема да ги коментирам партиските реакции. Не ме заплашуваат најавите дека ќе се бара одговорност од мене, има институции па нека постапат. Мојата кандидатура повеќе од една година е во Собрание па денеска без никакво образложение за една минута беше соопштено дека е повлечена. Треба да се каже поради кои причини, изјави Јовески.
Уставниот суд кој две ипол години функционира во некомплетен состав, нагласува дека за 60 години постоењето досега не е забележано толку долг период судот да остане некомплетен. Ова, како што нагласуваат, говори каков е односот на државата кон Уставниот суд и како не се почитува Уставот од страна на пратениците.
Последниот избор беше на 12 декември лани кога универзитетската професорка Јадранка Дабовиќ Анастасовска беше избрана за уставен судија.