Не завршува хаосот во ЈСП, оособено испровоциран од долгот кон приватните превозници. Иако град Скопје уверуваше дека функционира градскиот превоз и проблемите се надминати, вистината е друга. Имено долгот кон приватните превозници од „Слобода превоз“ е исплатен, ама не и казнените камати. Скопскиот Основен суд донел одлука, дека ЈСП треба да му исплати на „Слобода превоз“ речиси 62 милиони денари камати, за период од 15 септември лани до 18 мај оваа година – открива порталот „Нетпрес“.
Ако градоначалничката навреме ги исплатеше долговите кон превозниците, наместо да негира дека воопшто долг не постои, сега немаше ни камати да треба да се плаќаат од парите на скопјани во градската каса, оти ќе немаше ни тужби – коментираат превозниците. Во судскиот процес, тужбата за исплата на главниот долг е повлечена, бидејќи во меѓувреме ЈСП целосно го исплаќа долгот, но сепак, казнените камати останале. Покрај каматите, од градската каса треба да се платат и надоместоци за трошоци во постапката што ги направила „Слобода превоз“. Став и одговорност за ваквата ситуација од град Скопје, односно од Арсовска до овој момент нема.
Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град. Во меѓувреме, градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не е во право.
Во декември Градот објави два јавни повици за вкупно пет линии, но тие повици пропаднаа затоа што никој не се пријави.