Во Скопје денеска ќе биде одбележана 10-годишнината од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка, од каде што е најавено дека воведни обраќања на свеченоста ќе имаат извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска и програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот, Кочо Андоновски.
– Како дел од Хелсиншкиот комитет за човекови права, изминатата деценија нашиот Центар стана препознатливо безбедно место за ЛГБТИ луѓето во земјава, кое овозможува правна и психосоцијална поддршка и нуди засолниште за жртвите на семејно насилство и под ризик од бездомништво. Центарот за поддршка континуирано работи на застапување за подобрување на правниот и социјалниот статус на лицата со различна сексуална ориентација и родов идентитет во нашето општество. Во борбата за справување со маргинализираниот и дискриминирачки третман, во текот на сите овие години организиравме и бројни настани и активности од културно-уметнички карактер, наменети да ја зајакнат видливоста и отпорноста на заедницата. Со оглед дека уште на првиот ден по отворањето на Центарот се соочивме со низа брутални и сѐ уште неразрешени напади, горди сме за сѐ што сме постигнале досега и подготвени за борбите кои следат понатаму, соопштија од ЛГБТИ Центарот за поддршка, објави 24 Инфо.