Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер денеска во Букурешт изјави дека ЕУ сака да и помогне на британската премиерка Тереза Меј да избеге истапување на Велика Британија од Унијата без договор, но нагласи дека Брисел нема да прифати нови преговори за условите за Брегзит.
Јункер, кој денеска престојува во посета на Романија, нагласи дека се надева оти Меј сепак ќе обезбеди доволно гласови за усвојување на постигнатиот Договор за Брегзит во британскиот Парламент на гласењето предвидено за во вторник, додавајќи дека истапување на Велика Британија од Унијата без спогодба би претставувало „катастрофа“.
Парламентот во Лондон требаше да гласа за Договорот за Брегзит уште минатиот месец, но откако стана јасно дека нема доволна поддршка од страна на британските пратеници за негово усвојување, Меј го одложи гласањето за јануари.
Таа тогаш побара предоговарање на условите во Договорот, но лидерите на ЕУ одбија нови преговори, додавајќи дека се подготвени само на допрецизирање на некои одредби од спогодбата.
– Со Даунинг стрит проверуваме какви допрецизирања би и помогнале на Меј за усвојување на Договорот. Но, тие тоа не треба да сфатат како нови преговори, нагласи денеска Јункер на прес-конфернција во Букурешт.
Претходно денеска, шефот на британската дипломатија Џереми Хант предупреди дека пратениците во Парламентот во Лондон, кои планираат да не го поддржат Договорот за Брегзит, ризикуваат да предизвикаат блокада на Велика Британија и можност земјата да не ја напушти Европската Унија на предвидениот датум 29 март.
– Ако Договорот биде отфрлен, најверојатно ќе западнеме во парализа и нема да можеме да го реализираме она за што гласаше народот (на референдумот за Брегзит во 2016 гоидина), изјави Хант за телевиизјата Скај Њуз.
Доколку британскиот Парламент на гласање во вторник го одбие Договор за излез на Велика Британија од ЕУ, што пред два месеци го постигнаа Владата во Лондон и Брисел, можно е да дојде до „Брегзит без договор“, што предизвикува голема неизвесност и ставување од можен хаос во земјата.
Британските пратеници кои се цврсти во својот став земјата да ја напушти ЕУ, не се согласуваат со дел од одредбите од постигнатиот Договор за Брегзит и сакаат целосен прекин на врските меѓу Велика Британија и Унијата.
Хант оцени дека расположението на мнозинството пратеници во Парламентот во Вестминстер е земјата да не ја напушти Унијата без договор, со што би бил блокиран целиот процес на Брегзит.
– Мислам дека сега има многу помала веројатност дека Парламентот ќе дозволи Брегзит без договор, потенцира Хант.