Европската унија идентификувала лажни информации за коронавирусот што доаѓаат од Русија, изјави за ДПА, потпретседателот на Европската комисија, Вера Јурова.

– Кампањата на Унијата EUvsDisinfo собра повеќе од 150 дезинформации поврзани со Кремљ за Ковид-19, рече Јурова, комесар за вредности и транспарентност.

Јурова вели дека не може да каже дека државата наредила да се објават такви дезинформации, бидејќи нема доволно докази за тоа.

Таа додаде дека имало и официјални изјави на руските власти против ЕУ, за кои рече дека биле насочени кон предизвикување страв и нервоза на јавноста.

Кина, од друга страна, се потпира на пропаганда, рече комесарката, додавајќи дека се направени тврдења дека Европа нема да може да се справи со короната без помош на Кина.

Најдобар начин за борба против лажните информации и пропаганда е преку факти, рече таа, додавајќи дека постои огромна потреба од факти и веродостојни информации.