Јужнокорејската полиција уапси 77 лица вклучени во 35 случаи на сомнителна индустриска шпионажа откриени за време на неодамнешната национална истрага, објави денеска новинската агенција Јонхап.
Повеќето од случаите се однесуваат само на домашни компании, иако осум се поврзани со протекување на технолошки тајни во Кина или други земји, објави Јонхап, цитирајќи ја Националната полициска агенција.
Бројот на меѓународни случаи е двојно поголем од оној на слична истрага спроведена пред една година, објави Јонхап, повикувајќи се на полициски податоци. Еден осомничен е уапсен за откривање доверливи корпоративни информации откако се префрлил од јужнокорејски работодавач во кинеска компанија, која ветила стотици илјади долари за покривање на трошоците за домување, образование и живот во замена за информациите, се вели во извештајот.