ДУИ денеска јавно го прашаа Гаши зошто на средбата со албанската делегација зборувал на македонски.

„Го прашуваме претседателот на ВРЕДИ, Африм Гаши: Дали беше намерен чин да се негира важноста на албанскиот јазик или погрешното верување дека албанскиот е само јазик кој се преведува, причината зошто ја шокиравте делегацијата на Парламентот на Албанија за време на нивната посета на Скопје? Зошто кога ви се обратија на ваш мајчин јазик, решивте да одговорите и да го водите целиот разговор на македонски јазик, со преведувач на албански? Ова не е само протоколарен пропуст, туку отворено негирање на националниот идентитет и понижување за сите Албанци“, велат од ДУИ.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши велат дека тврдењата на ДУИ за средбата со делегацијата на Собранието на Република Албанија се целосно неточни и претставуваат намерно искривување на фактите.

Како што велат, за првпат во историјата на Собранието на Македонија, претседателката на парламентот на Република Албанија беше пречекана со највисокиот државен протокол, што ја демонстрира посветеноста на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за градење силни и взаемно почитувани односи со Република Албанија.

„Средбата беше целосно транспарентна, отворена за јавноста и медиумите, при што претседателот на Собранието, Африм Гаши, го одржа својот говор на албански и македонски јазик, строго придржувајќи се до законот, Деловникот и Уставот. Секоја изјава што се разликува од ова претставува неосновано обвинување и навреда, не само за претседателот на Собранието, Гаши, туку и за самиот институционален интегритет на Собранието, како и обид за искривување на вистината. Ваквите тврдења ги поткопуваат вредностите и ја загрозубаат вистината и единството.

Со оваа прилика, претседателот на Собранието, Гаши, упатува повик до опозициските политички партии да ја извршуваат својата опозициска улога со повеќе креативност и конструктивност.

Посветеноста на г. Гаши останува непоколеблива – тој поддржува секоја идеја и конструктивен проект, без разлика на политичката припадност, кои водат кон напредок и развој на нашата земја. Особено ги охрабрува придонесите на опозициските парламентарни партии што демонстрираат вистинска посветеност за подобрување на животот на нашите граѓани“, велат од таму.