Комплетиран е новиот состав на Комисијата за помилување, а за утре е предвидено да се одржи првата конститутивна седница, брифираат од Кабинетот на претседателката, Гордана Сиљановска Давкова.

Претседателка на Комисијата е д-р Милка Ристова, а во нејзиниот состав се и проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.

Оваа Комисија е дел од телата на претседателката, која по предлог на Министерството за правда одлучува кој и какво помилување ќе добијат затворенците со правосилни пресуди.

-Најважното за оваа комисија е прво, бидејќи доаѓа Нова година, а тогаш има помилувања, да го стори тоа. Ама, час поскоро да ги свика членовите на сите претходни комисии за помилувања, за да ги чуе нивните забелешки, искуства и предлози. Потоа, исто така, да свика, претседателката на Комисијата една расправа, знаете дека беше изработена работна верзија на Закон за помилување. Нашиот Закон за помилување сега е многу дефектен, после промените, значи укинувањето на одредби од Уставниот суд, навистина, нам ни треба еден закон компатибилен со европските и мислам дека тогаш Комисијата ќе може да го преземе товарот на одлучувањето, изјави Сиљановска Давкова неодамна во интервју за МРТ.

Претседателката потенцира дека нам ни треба закон во кој точно ќе се утврди кој, како и што прави, но најголемата опасност за овој процес е да се политизира или партизира.

– Помилувањето кое кај нас е минимално, мора да се однесува на социјализацијата и ресоцијализацијата, врзана за делата кои што се сторени. Значи мораме ние. Ќе се најдеме набрзо под силно обвинение за тортура над затворениците. Држава сме со најмалку помилувања, држава сме со најмало време на помилувања. Сега зборувам за шест, три или еден месец, изјави Сиљановска Давкова.

Според Сиљановска Давкова, нам ни препорачуваат да се зголеми должината на помилувањата, затворските услови и да видиме дали не треба и во поглед на делото „производство и дистрибуција на наркотици“, како и можност за помилување ако се на доживотен затвор, што во светот е нормална работа.

Одлуките за помилување на осуденици, шефот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.

Претходниот состав на Комисијата, која беше конституирана кон крајот на јули си поденесе колективна остаква, откако дел од помилувањата објавени за Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври предзивикаа реакции во јавноста, а дел од медумите тогаш јавија дека едно од помилуваните лица е член на наркокартелот „Барон“.

Професорот на Правниот факултет и член на Комисијата за помилување, Гордан Калајџиев на својот Фејсбук профил кон крајот на минатиот месец објави дека Комисијата си поднесува колективна оставка.

-Почитувани, Со ова ја известуваме јавноста за нашата колективна оставка од позициите членови на комисијата за помилување. Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи. Со почит, Проф.др Методија Каневчев, Проф.др. Гордан Калајџиев, Проф.др. Арлинда Кадри Шахиновиќ, Др. Зора Митиќ, М-р Ана Ѓорѓиева Ивановска Ајтен Шаќири, се вели во Фејсбук објавата на професорот Калајџиев.

Сиљановска Давкова тогаш помилува десет осуденици. Покрај поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, помилувани се уште деветмина затвореници. Извршувањето на изречената казна им се заменува со условна осуда на осудените лица Акиф Равмановски од село Арачиново, во траење од една година и три месеци, на Никола Трпчески од Охрид, во траење од една година и на Шенол Маслани од Арачиново, во траење од шест месеци. Делумно се ослободени Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од село Миравци, Томислав Симеонов, од Скопје, Перо Кузмановски од Градско, Живко Делиџаков од село Богородица, и Марјан Ефремов од Скопје, кој беше првообвинет во аферата „Шпион“.

Еден ден по помилувањето, Акиф Равмановски, еден од водачите на криминалната група „Барон“ од скопски Чаир повторно се најде зад решетки. Тој по помилувањето беше пуштен од затворот „Идризово“ на условна казна, каде издржуваше казна од една година и три месеци заради нелегално поседување на оружје и веднаш потоа беше уапсен, поради тоа што се сомничи за обид за убиство во инцидент, кој се случил десетина дена пред помилувањето во скопски Чаир, каде беше застрелан член на ривалскиот клан од селото Грчец.