За еден месец ќе се знае нивото на колективен имунитет во Бугарија, соопшти бугарското Министерство за здравство.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, предвидено е да се создаде база на податоци, што ќе содржи информации за бројот на оздравени лица од Ковид-19, потоа колку пациенти биле во болница, колку се лекувале дома, како и колку луѓе се вакцинирани.
– Системот е развиен од софтверски компании кои се занимаваат со медицински софтвер. Цената на серверот, базата на податоци и обработката ќе чини околу 15.000 лева (7.500 евра), најави министерот за здравство на Бугарија, Стојчо Кацаров.
Тој додаде дека информациите за сите вакцинирани лица, за сите тестирани, за хоспитализираните и за лицата тестирани на антитела од 1 март 2020 година до денеска ќе бидат преземени од системот.
Според резултатите од неофицијалното истражување на колективниот имунитет, спроведено од една од најголемите приватни лаборатории во Бугарија од 25 мај и 11 јуни, 43 проценти од бугарските граѓани биле заразени со Ковид-19.
Директорот на лабораторијата д-р Недиалко Калачев истакна дека за истражувањето биле земени 2.600 случајни примероци од 38 населени места во Бугарија.