Поранешниот директор и член на Управниот одбор на М-НАВ, Миѓен Селмани, повторно се вработил во навигација на оглас кој траел само два дена, велат извори за Сител. Според информациите, сега работи како сметководител.
За овој оглас, екс претседателот на Управен, Хамиди, рече дека е грешка, а контролорите на летање беа револтирани и најавија затворање на небото за Нова година.
Вработувањето на Селмани беше и една од причините за најавениот штрајк на контролорите во октомври лани, но министерот за транспорт ги премисли.
Тогаш синдикатот и менаџментот на М-НАВ се договорија, а Бочварски рече дека лично ќе се заложи да се испочитува договорот.
Сега од Министерството за транспорт за Сител одговориле дека „во ниту еден случај, ни министерот, ниту пак Министерството не учествувало со лицитација на имиња во постапките за вработување во М-НАВ. Тоа е самофинансирачка институција со сопствени органи на управување, а Министерството за транспорт и врски нема надлежност да учлествува во носење на одлуки ниту во финанискиот дел, ниту во оперативното работење“.
Сител упатил прашања до Хасим Деари, чие место во Управниот одбор остана непроменето, но тој не ги одговорил. Деари всушност доаѓа на местото на Селмани, а беше и кандидат за пратеник на листата на ДУИ за шестата изборна единица на последните парламентарни избори.
Вработените во М-НАВ земаат плати неколкупати поголеми од просечните, а во јавноста веќе испливаа цели семејни стебла на функционери кои таму си вработиле свои роднини.
Работењето на претходниот менаџмент веќе го истражува Финансиската полиција.