Венко Филипче, поранешен министер за здравство во владата на Зоран Заев, го презеде кормилото во СДСМ, дознава Телма.
Членство му даде поддршка на Филипче на вонредните внатрепартиски избори на кои силите ги одмери со Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, и Александар Бајдевски, поранешен заменик министер во МИОА.
Според информациите на ТВ 24 од СДСМ, Филипче освоил 8474 гласови, Јован Деспотовски 2291, а, Александар Бајдевски 868. Неважечки се 159 . Со огелд дека Славјанка Петровска остана на избирачкото ливче има освоено 172 гласа. Со оглед дека на изборите гласаа 12 608 социјалдемократи, од запишаните 23 000, Филипче има повеќе од половина што значи дека изборот е во прв круг.
Официјално резултатите се најавени за околу 22 часот. Веднаш по затворањето на избирачките места, Бајдевски реагираше на малаат излезност и порача дека тоа е поради немањето отчетен Конгрес и избрзаниот како што рече изборен процес.
Деспотовски пак најави приговори и обвини дека над 10 000 социјалдемократи кои се регистрирале за гласање не можеле да гласаат.
Од СДСМ оценија дека процесот бил фер и демократски и кредибилен со помали неправилности, кои како што рекоа нема да влијаат на резултатите.
Денешните избори на кои победи Филипче следуваа по катастрофалниот пораз на СДСМ на парламентарните избори во мај, на кој освои само 18 пратеници и по седум години на власт замина во опозиција. Пратеничко столче доби и Венко Филипче.
Филипче е неврохирург кој во политиката сериозно загази во 2017 година, кога му беше доверен ресорот здравство. Тој е пред сериозен предизвик како да ја врати СДСМ на партиските шини и да ја направи силна опозиција, а во кампањата се осврна на обединувањето како предуслов за успешно закрепнување на СДСМ и спречување на натамошни поделби.