Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави дека повеќе од 1.000 украински маринци се предале во опколениот пристанишен град Мариупол и ги повика преостанатите сили заробени во челичарницата „Азовстал“ да го сторат истото, пренесоа британските медиуми.
Украинските власти засега немаат коментар за изјавата на Кадиров на каналот Телеграм.
Генералштабот на Украинската војска, во својот утрински извештај, соопшти дека руските сили продолжуваат со нападите врз „Азовстал“ и пристаништето.
Руската телевизија прикажа слики од, како што наведе, маринци кои вчера се предаваа во фабриката за железо и челик „Илич“ во Мариупол, од кои многумина се повредени, додаваат британските медиуми.
Меѓутоа не е јасно за која фабрика мислеше Кадиров, за „Азовстал“ или за „Илич“, кога кажа за 1.000 предадени украински маринци.
Во „Азовстал“ во моментов има околу 200 повредени на кои не може да им биде укажана медицинска помош, кажа Кадиров во Кобјавата на Телеграм.
– За нив и за сите останати би било подобро да се прекине овој бесмислен отпор и да си одат дома кај своите семејства.
Кадиров, инаку силен поддржувач на рускиот лидер Владимир Путин, во Украина распореди неколку илјади негови борци за да ги зајакне руските напори за демилитаризација и денацификација на земјата.