Фармацевтската компанија Фајзер денеска соопшти дека сака да ја прошири вакцинацијата со третата, „засилена“ доза против коронавирусот во САД на здрави деца на возраст од пет до 11 години.
Американските власти претходно ги повикаа сите луѓе на возраст од 12 години и постари да примат трета доза од вакцината за подобра заштита од најновите варијанти на коронавирусот, а неодамна дозволија да се даде четврта доза на 50-годишници и постари.
Нова студија покажа дека третата доза дадена на децата шест месеци по втората го зајакнала нивниот имунолошки одговор, соопшти Фајзер. Овие податоци не се објавени или потврдени од независни експерти.
Компанијата наведува дека во наредните денови ќе побара од американските власти да одобрат давање на трета доза на здрави деца на возраст од пет до 11 години и оти податоците ќе ги сподели со европските и другите регулаторни тела.
Вакцината на Фајзер е единствената што децата во САД можат да ја примат. Децата од пет до 11 години добиваат една третина од дозата дадена на лица на возраст од 12 и повеќе години.