Инвестициските можности во Грција и тесната грчко – американска соработка во трговскиот сектор, беа темите за кои разговараа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и државниот секретар за трговија на САД, Вилбур Рос.
Како што соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер, Мицотакис на Рос му ја претставил грчката програма за реформи, потенцирајќи ги прашањата за одново враќање на кредибилитетот на земјата во економскиот сектор и поедноставување на инвестициските процедури. Тој го покренал и прашањето за ослободување од американските давачки за грчкото маслиново масло кога се извезува во САД, а американската страна ги истакнала првите примери за ефикасност на владата, jави дописничката на МИА од Атина.
На средбата, што поминала во особено добра клима, станало збор и за односите ЕУ- САД, како и за прашањата поврзани со меѓународната трговија.
Мицотакис и Рос се договориле да се сретнат повторно на 25 септември кога грчкиот премиер ќе биде во Њујорк на Генералното собрание на ОН, а државниот секретар на САД го поканил на ручек со американски бизнисмени кои се заинтересирани да инвестираат во Грција.