ко се заразите со актуелниот коронавирус, болеста изгледа вака – откриваат експертите од Кина
Првите симптоми на коронавирус се температура, треска, суво грло, чувство на замор и болка во мускулите. Дури 85% од сите заразени ги искусуваат само овие симптоми во првата фаза на болеста, која трае седум дена, додека преостанатите 15% влегуваат во таканаречената втора фаза, која трае уште две недели и во која се развиваат респираторни и други нарушувања.
„Симптоматологијата на првата фаза од болеста е слична на сите вируси и во таа фаза тешко е да се препознае дали станува збор за грип или за КОВИД-19“, тврди тим на научници кои спровеле детално истражување за однесувањето на вирусот во Вухан, Кина.
Два тима научници го анализирале однесувањето на вирусот на местото каде што најпрво се појави, во Вухан, Кина и објавиле истражување кое детално и по денови објаснува на кој начин се развива вирусот во човечкиот организам и каква симптоматологија дава.
Анализата на клиничката слика опфатила возрасни луѓе заразени со вирусот КОВИД-19, кои биле примени во болница во Вухан во период од 29 декември до 31 јануари 2020, меѓу кои имало и такви што ја победиле болеста, но и такви што, за жал, починале.
Научниците утврдиле дека просечното траење на температурата кај заразените е 12 дена, но кашлицата и респираторните нарушувања може да се задржат и многу подолго.
Симптомот отежнато дишење исчезнувал во просек на 13-от ден од моментот на зараза кај оние што заздравувале, а се задржувал со истиот интензитет кај потешко погодените пациенти, до моментот на настапување смрт.
Според спроведеното истражување, просечното време од настапувањето на првите симптоми на болеста и приемот во болница, до оздравувањето, во Кина било 22 дена, додека периодот од зараза до смрт изнесувало 18,5 дена.
Тимовите исто така заклучиле дека вирусот напредува од благи симптоми до тешки респираторни отежнувања во рок од осум дена. Првите симптоми поврзани со отежнато дишење се јавуваат во просек на петтиот ден, за во наредните три дена рапидно да се влошат, а осмиот ден би дошло до застој на дишењето и понатамошната нега изискувала ставање на пациентите на респиратори.
Развој на болеста по денови
Прв ден. Пациентите може да почувствуваат блага треска, болки во мускулите, замор и чувство на суво грло. Мал број пријавиле и чувство на мачнина како симптом.
Петти ден. Повозрасните пациенти и пациентите што боледуваат од некоја хронична болест почнуваат да ги чувствуваат првите проблеми со дишењето. Мал процент (10%) од пациентите пријавиле во овој период и чувство на мачнина и упорна дијареја.
Седми ден. Во овој период пациентите кај кои се развиле потешки респираторни нарушувања дошле до фаза кога морале да бидат хоспитализирани поради ризикот од колапс на белите дробови. Кај другата група пациенти, која сочинува 85% од сите заболени, ова е период кога болеста почнува да се повлекува и клиничката слика драстично се подобрува.
Осми ден. Кај пациентите кај кои респираторните нарушувања се влошувале доаѓа до акутен респираторен синдром, кога белите дробови не се повеќе во состојба да им обезбедат доволно кислород на телото и на виталните органи. Во оваа фаза од болеста стигнале околу 15% од заболените.
Десетти ден. Пациентите чија состојба се влошува се префрлаат на интензивна нега, каде што и понатаму им се пружа неопходната нега.
Дванаесетти ден. Во овој период, според истражувањето од Вухан, температурата полека почнува да се намалува кај оние со полесна или средно тешка клиничка слика.
Тринаесетти ден. Кај пациентите што развиле респираторни нарушувања овој симптом почнува да се ублажува, повторно во случаите на полесна и средно тешко клиничка слика (85%). Додека кај преостанатите 15% симптоматологијата стагнира или се влошува додека настапи смрт.
Препораките од СЗО, епидемиолозите и здравствените работници за превенција на зараза со вирусот вклучуваат редовна лична хигиена, хигиена на животниот простор со средства како алкохол и асепсол, стерилизирање на работите со кои сме биле во постојан контакт, како што се мобилните телефони и самоизолација, односно одбегнување контакти во најголема можна мера.