Луда Мара се вика реката што можеби го има најинтересното име во државата. За неа велат дека кога ќе збесне, мирниот поток станува Луда Мара.

Мајчинскиот инстинкт посилен од стравот од смртта

Малкумина ја знаат легендата за тоа како го добила името реката, која е еден од симболите на градот Кавадарци.

– Своевремено имало една кавадарчанка по име Мара, која живеела во реканското маало кај јаворот, во близина на реката што го дели градот Кавадарци на два дела. Имала две мали дечиња, кои си играле од другата страна на реката, а таа ги надгледувала. Одеднаш се случило невреме, од многу силен дожд надошла реката. Очајната мајка тргнала за да си ги прибере децата. Залудно други ѝ довикувале да почека, да не биде луда да се изложува на толкав ризик, дека невремето ќе помине, па тогаш да си ги прибере децата. Носена од мајчинскиот инстинкт да ги заштити, таа тргнала по нив. Реката, која влечела камења, дрвја, гранки, ја одвлекла и жената. Оттогаш мештаните ја завикале реката Луда Мара, по жената што како луда истрчала за да си ги спаси децата, вака ја раскажа легендата за името на реката историчарот Петре Камчевски за МИА.

Таа низ годините била нарекувана и Моклишка, бидејќи минува низ Моклиште, а го формирала и Моклишко Езеро. Ја викале и Ваташка, поради тоа што тече низ селото Ваташа. Некогаш била позната и како Велика, затоа што се случувало да надојде и да стане многу голема. Бидејќи се влева во Вардар кај селото Курија, во минатото ја именувале и како Курјачка. Се раскажува, исто така дека името го добила по тоа што честопати збеснувала, а во 1934 година ја однела и општинската зграда што била во близина.

– Изворот е во близина на селото Бунарче, на над 942 метри надморска височина, на висорамнината Витачево. Долга е околу 40 километри и 750 метри. Во минатото, кога не било регулирано речното корито, предизвикала неколку поплави, од кои најголемата тогаш кога ја однела општинската зграда како да е од картон, а настрадале и имотните листови на кавадарчани, целата катастарска документација била однесена и уништена. А бидејќи тогаш немало компјутери, сите морале да одат да даваат изјави, искази, за да се обнови катастарската евиденција. Биле потребни неколку години за да се обноват катастарските книги. Интересно е и тоа што надојдената вода ја однела и општинската каса, која подоцна била пронајдена дури во селото Марена. Била целосно празна, па можеби и затоа водата ја одвлекла, бидејќи била полесна, без пари. Бидејќи знаела многу да дотече, по 1945 година започнала регулацијата на реката, најпрвин со каскади, за да се смири, појасни хроничарот на Кавадарци.

Последното големо излевање реката го имала во 1973 година, кога постоела опасност од кинење на браната Моклишко Езеро, настаната при уривање на ридот Градот. Регулирањето на коритото на реката спаси многу семејства од поплавување.

Водопатчињата на Луда Мара

Има некоја посебна звучност во името на реката што крие бројни тајни, необјаснива мистичност и магија. Голем број луѓе имаат спомени поврзани токму со неа. Крај реката, едни ги имаат доживеано првата љубов и бакнеж, најголемите радости. Други, пак, иако тука ги имале најголемите разочарувања или разделби, сепак не можат да ја мразат. Та што е крива таа за нивната лоша судбина. Луда Мара ја засакав кога дојдов да живеам во Кавадарци, покрај реката, кога се фатив себе си како уживам во жуборот на водата и најубавата музика што ја создаваше крекањето на жабите.

Во услови на пандемија од коронавирус кога не е препорачливо групирање, тројца љубители на природата, со заштитна опрема, решивме да направиме мала прошетка по течението на реката и да видиме до каде е изградбата на четирикилометарската велосипедско-пешачка патека од кавадаречкото село Ваташа до Моклишката воденица. Нешто што со душа се чека. Стартувавме од малку подалеку, од уредениот кеј на реката близу земјоделско-шумарското училиште. Пешачевме околу седум километри во еден правец. Најпрвин забележав еден маж како едноставно си легнал на клупа покрај реката и уживаше. Во еден убаво уреден двор, едно мило маченце како да позираше пред мојата камера.

Поминувајќи крај куќата на народниот херој Страшо Пинџур во селото Ваташа, коментирав дека кога и да застанам пред неа, одново и одново се одушевувам на дрвениот чардак, кој кај мене буди посебни емоции. Копнеам да се качам по тие дрвени скали, кои крцкаат под нозете и ете таму на чардакот да испијам едно капучино со мерак. И да уживам гледајќи ја реката. Малку погоре едно куче беше влегло во водата од реката. Се исплашивме, мислевме не може да излезе од кејот. За наша среќа, испадна дека сме биле грешка. На топлото време, тоа само влегло да се разлади во водата. Откако се освежи, си продолжи по патот. Друго, пак, се заоди по нас и ни правеше друштво во текот на целиот ден.

По селото, од двете страни на Луда Мара, забележавме море од убаво изработени лозја. Близу едно, еден коњ спокојно си пасеше трева. Пробиена е четирикилометарската патека покрај реката, тампонирана, на места веќе има рабници, а почнато е и редењето на бехатон-коцки. Иако патеката сè уште не е готова, сретнавме љубители на природата, кои како нас решиле да видат до каде е работата. Имаше и велосипедисти, кои се рекреираа. Посетители имаше и крај споменикот на 12 стрелани ваташки младинци. Неколкупати моравме да преминеме од едната на другата страна на реката, а тоа дополнително ја прави патеката интересна и возбудлива. На неколку места исто така фотографирав мали водопатчиња што ги прави Луда Мара по нејзиното течение. Толку мали, а прават експлозија од задоволства за сите сетила. Милина за очите, прекрасна мелодија за ушите. Доближи се, собуј ги патиките и чорапите и загази во водата, ќе го почувствуваш допирот на природата, вкусот на капките вода што танцуваат наоколу, мирисот на водата што опива.

Шанкови, фитнес-справи и пинг-понг маси

Велосипедско-пешачката патека се протега последниот мост во селото Ваташа до Моклишката воденица, во должина од четири километри. Патеката е со ширина од четири метри. Ќе има и пет попатни станици, вкупната поплочена површина ќе биде од 17 420 квадратни метри. Според податоци од кавадаречката локална самоуправа, вредноста на оваа инвестиција е 34.250.000 денари. Овие пари преку апликација на Општина Кавадарци и Вардарско-планскиот регион, се обезбедени од Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој. Патеката ке биде осветлена со 200 ЛЕД-светилки од 40 вати, поставени на 100 метални столбови со двокрака лира, со висина од 4,0 метри, поставени на растојание 40-50 метри.

На попатните станици ќе бидат сместени натстрешници покриени со лексан, клупи и канти, шанкови, метални стојалишта за велосипеди, станици за ситни поправки на велосипеди, реквизити за скејт-парк за велосипеди, фитнес-справи за спортување на отворено, пинг-понг маси.

 

Едвај чекам да биде готова велосипедско-пешачката патека до Моклиште. Знам дека често ќе чекорам по неа. И секогаш кога ќе го правам тоа, ќе се сеќавам на желката што деновиве ја фотографирав на патеката во изградба. Таа воопшто не се плашеше од моето присуство. Дури, како да сакаше да ја фотографирам одново и одново. Не знам зошто, но ми се причини како да сакаше да упати една порака до светот. Полека, не брзајте, живејте го животот. Не трчајте го. Уживајте.

Светлана Дарудова за МИА