Војводата Толе Паша, односно, Стојан Куликов (Кулески) од селото Крушевица Мариово во историските текстови е опишан како своеволен војвода, кој самоиницијативно се одметнал од турската власт и формирал своја дружина. Притоа се објаснува дека во BMPO стапил дури пред Илинденското востание, кога се сретнал со Крсте Гермов – Шакир и Петар Ацев и се заколнал на верност на Организацијата. Тоа се случило по неколкуте обиди на Окружниот комитет од Битола да стапи во контакт со Толе Паша и да го стави под своја контрола. Не успевајќи во тоа, Комитетот донел пресуда Толе Паша да биде ликвидиран. Оваа задача требало да ја изврши прилепскиот околиски војвода Петар Ацев, а тој бил еден од водачите во Македонската револуционерна организација кој бил против убиствата, бидејќи сметал дека со тоа само му се нанесува штета на народот.

На 20 март 1903 година Крсте Гермов Шакир му се обратил на Петар Ацев и му рекол дека е подготвен да појде и да го фати војводата Толе Паша само ако тој, Ацев, му дозволи. По малку премислување, Петар Ацев му дозволил на Шакир да го направи тоа. Двајцата војводи имале информации дека во тој момент Толе Паша со својата чета од 11 души се наоѓал во селото Лопатица. Од ова село Толе Паша имал неколку четници и јатаци кај кои се засолнувал. Шакир Војвода влегол во селото Лопатица со седумчлена дружина и ја затекнал четата на Толе Паша во една куќа во селото. Луѓето кои требало да чуваат стража заспале и Шакир Војвода ги изненадил Толе Паша и неговите комити. Знаејќи дека Толе е осуден од Окружниот комитет во Битола, неговите луѓе се вознемириле, станале и посегнале по пушките, но Шакир ги успокоил, истакнувајќи дека не е дојден со лоши намери. При средбата Толе Паша истакнал: “Тие од Битола ме осудиле на смрт како врховист. Но, јас не разбирам ништо, ниту од врховизам, ниту од централизам (црволизам-врволизам), како се вика немам абер од него, јас знам оти се борам за Македонија,
но не за врховистите (врволистите) од Бугарија, и не за Бугарија”.

На ваквите зборови на Толе Паша Крсте Гермов – Шакир бурно реагирал, одвраќајќи дека ако Толе така зборува, тој е зрел за да работи за Организацијата и веднаш. му понудил да го одведе во селото Орле на средба со околискиот војвода Петар Ацев.

Еве што вели во своите спомени Крсте Гермов за направената средба во селото Орле, кое како и претходно споменатото Лопатица, било вистинско комитско гнездо, во кое многу често навраќале комитските чети. “Ние отидовме во село Орле, таму беше Петар Ацев, уште кога влеговме во куќата Толе Паша ја подаде пушката на Петар и му вели:

“Еве ви ја пушката војводо, давам ти ја. Како сум знаел така сум работел за Македонија, ако сум
згрешил судете ме, отепајте ме, ако сум за отепување…”.

Петар Ацев беше една сентиментална душа, он беше многу чувствителен и кога ги чу овие прости зборови на Толета се позамисли и со солзи на очите и му одговори:

“Ти си достоен за пушката што ја носиш, земи ја.

По остварената средба во селото Орле, Петар Ацев го назначил Толе Паша за војвода во Мариово. Тогаш во четата на Толе Паша за секретар-инструктор е назначен Шакир Војвода.

(На сликата, убиството на Толе Паша и неговиот малолетен син, заедно прегрнати, ги дадоа животите за независна Македонија)

(Од ФБ профилот „Македонија на Македонците“)