А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирода, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа:
Каде е новородениот Цар Јудејски? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме.
(Матеј 2;1-2)
Црквата кажува за мудреците од Исток кои дошле да Му се поклонат на Богомладенецот Христос.
А каква ѕвезда била таа?
Светите Јован Златоуст и Теофилакт тврдат дека тоа не била ѕвезда од небесните видливи ѕвезди, туку некоја Божествена или ангелска сила која се јавила во вид на ѕвезда.
Зашто сите ѕвезди постојат од почетокот на создавањето на светот, а таа ѕвезда се појавила на крајот на вековите, при воплотувањето на Бог Словото.
Сите ѕвезди имаат свое место на небото, а оваа ѕвезда се гледала во воздухот; сите ѕвезди обично се движат од исток кон запад, а оваа ѕвезда се движела од исток кон југ во правец на Витлеем, сите ѕвезди светат ноќе, а оваа ѕвезда светела и дење како сонце.
Блажени Теофилакт вели: „Кога одеа мудреците, одеше и ѕвездата, а кога тие се одмораа и таа стоеше”.
Во тропарот (црковното песнопение) на Божиќ се кажува за тоа дека во Рождеството Христово „оние кои им служеа на ѕвездите, од ѕвезда беа научени Тебе да Ти се поклонуваат, Сонцето на правдата”.
Свештеномаченикот Игнатиј Богоносец, за чии посланија дури и рационалистите признаваат дека се оригинални, пишува дека Витлеемската ѕвезда за разлика од другите ѕвезди била ангелска сила. Ниту една ѕвезда не можела да застане над Витлеем, над местото над кое се роди Христос.