ЕУ се подготвува да одобри нови санкции против Русија до крајот на неделата, објави високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, на прес-конференција по денешниот вонреден состанок на европските министри за надворешни работи во Брисел.

Ќе видиме какви компромиси ќе бидат потребни за да се одобрат новите санкции, блокирањето од страна на Унгарија не е ништо ново, коментираше таа.
Калас прецизираше дека засега предлогот за намалување на цената на нафтата на 45 долари за барел останува на сила.

Иран е закана со децении, ЕУ долго време изјавува дека Техеран не треба да развива нуклеарно оружје бидејќи тоа ја загрозува меѓународната заедница. Сега целта е да се спречи продлабочување на конфликтот, повикуваме на преговори и чекор назад, никој нема корист од ескалацијата на војната, додаде високата претставничка.

Калас објави дека денеска министрите разговарале за можностите за промени поврзани со договорот меѓу ЕУ и Израел поради ситуацијата во Газа и недостатокот на доволен пристап до хуманитарна помош. Ова е почеток, а не крај на дебатата, објасни таа.

МИА