Бенефитите од проектот на „Алказар Енерџи“ за развој на ветерен парк со 55 ветерници во земјава, ќе бидат намалување на цената на електричната енергија, отворање на работни места и директни странски инвестиции во македонската економија, изјави денеска ко-основачот и управувачки партнер во компанијата Даниел Калдерон, кој присуствуваше на официјалната презентација на проектот.

– Бенефициите од инвестицијата за развој на парк на ветерници во земјава, вредна над 500 милиони долари, се странски директни инвестиции. Ова се свежи долари кои што директно влегуваат во економијата на Македонија, создавање на работни места, односно 630 во текот на изградбата и дополнителни 200 во текот на работата, што е во траење од 20 до 30 години. Намалувањето на цената на чинењето на електрична енергија е она што го нарекуваме израмнување на трошоците на електрична енергија од ветерна енергија, што е поевтина од енергијата произведена од јаглен или гас, рече Калдерон.

Во изјава за медиумите, Калдерон соопшти дека од 2026 година во Европската унија ќе се воведе данок за јаглерод диоксид, односно ќе се плаќа данок за производи кои содржат јаглерод.

– Со почеток на 2026 година во Европа се воведува данок за јаглерод, односно производите што содржат јаглерод плаќаат данок, така што, што повеќе користиме ветерна, сончева или хидро енергија, толку помалку данок плаќаат производите при нивниот влез во Европа, вели Калдерон.

Истакна дека „Алказар Енерџи“ доаѓа во момент кога политичкиот прозорец во земјава е исправен, економскиот контекст е поволен, како и трошоците за технологијата се поволни за да може проектот да се реализира на одржлив начин.

Прашан кои услови им биле понудени од страна на македонската влада и што „Алказар Енерџи“ побарал за реализација на инвестицијата, Калдерон рече условите се исполнети.

– Утрово ја имав честа да се состанам со премиерот, со кој имавме разговор за тоа кои се условите за да се спроведе на еден транспарентен начин, условите се исполнети. Беа анализирани условите, дел зависат од Владата. Сите правни процеси беа спроведувани во меѓувреме, затоа што има многу чекори што треба да се поминат од типот на анализа на меѓусебната поврзаност, ангажираноста на земјиштето, добивањето на правата за интерконекции и така натаму. Дел од овие чекори зависат од Владата, дел не. Бидејќи мора да направиме анализа за животната средина, за социјалните аспекти и другите работи, кои што треба да се анализираат за сето тоа да биде подготвено и да може да се реализира, рече Калдерон.

Времето на изградба на ветерниот парк е 24 месеци, односно во втората половина 2027 година се очекува да се видат првите бенефити од проектот.

Премиерот Мицкоски на презентацијата на проектот рече со завршувањето на овoј проект дури 100-тина илјади македонски семејства ќе може да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници. Според Мицкоски, овој проект е значаен од многу аспекти – со него ќе се зајакне значително енергетката независност, ќе го зголеми обемот на инвестиции, како и ќе отвори пат за нови инвестиции.

Фото: МИА