САД ќе повлече 5.000 американски војници од пет бази во Авганистан  во рамките на предложениот договор со талибанците, изјави денеска американскиот претставник Залмај Калилзад во преговорите со бунтовниците.

Тоа е прв потврден детал за долгоочекуваниот договор. Калилзад, кој мина околу една година во преговарање со талибанците, истакна дека повлекувањето ќе се случи во рок од околу четири месеци по одобрувањето на конечниот договор – доколку талибанците се придржуваат кон своите обврски.

– Ние се согласивме дека ако се одвиваат условите според договорот, ќе заминеме во рок од 135 дена од пет бази во кои сме присутни сега, посочи Халилзад за „Толоњуз“.

Извадоци од интервјуто беа објавени на Твитер налогот на авганистанската телевизијата, а целосното интервју предвидено е да биде објавено вечерва.

Калилзад вчера изјави дека САД и авганистанските талибанци се пред постигнување договор со кој ќе се стави крај на 18-годишната војна во Авганистан, а исто така и портпаролот на талибанците во Доха, Сухаил Шахин потврди дека договорот речиси е финализиран.

Во Авганистан во моментот се распоредени од 13.000 до 14.000 американски војници. САД интервенираа во Авганистан во 2001 година во обид да ја уништат екстремистичката група Ал Каеда, одговорна за нападите од 11 септември и за да ги соборат талибанците од власт во Кабул. Во екот на најголемите борби во 2011 година американскиот контингент броеше 98.000 војници.

Договорот предвидува поголемо или помало повлекување на американските војници, а талибанците треба да се обврзат дека на териториите под нивна контрола нема да дејствува Ал Каеда и други терористички групи.

Но, евентуалниот договор помеѓу САД и Tалибанците нема да значи и крај на војната, бидејќи талибанците трева да постигнат мировен договор и со Владата во Кабул.