САД не извршија доволно голем притисок врз поранешниот авганистански претседател Ашраф Гани да се согласи за поделба на власта со талибанците, се пожали на Си-Ен-Ен доскорешниот американски специјален пратеник за Авганистан, Зелмај Калилзад, кој минатата недела поднесе оставка на функцијатао.
Зборувајќи за првпат по објавувањето на неговата оставка на 18 октомври, Залмај Калилзад силно го бранеше договорот за повлекување на САД за кој преговараше со талибанците за време на Доналд Трамп и изрази индиректна резервираност за спроведувањето на договорот под актуелниот претседател Џо Бајден.
-Договорот беше условен и предвидуваше преговори меѓу бунтовниците и владата во Кабул, како и траен прекин на огнот, објасни дипломатот.
Откако влезе во Белата куќа, претседателот Бајден донесе „одлука да се повлече од него според распоредот“, игнорирајќи ги тие услови, откри тој.
-Оние над мене ја донесоа таа одлука, додаде тој, изразувајќи жалење што „некои луѓе“ во Вашингтон го направија жртвено јагне одговорно за хаотичното заминување од Авганистан и за преземањето на власта од исламистите.
„Ние секогаш ги наследуваме договорите, или вие се согласувате да ги спроведете или велите ’не’, сакам повторно да преговарам“, продолжи тој.
Владата на демократите смета дека со наследувањето на документот договорен од тимот на Трамп, таа мораше да го напушти Авганистан бидејќи меѓуавганистанските мировни преговори беа во застој и талибанците ќе продолжеа со нападите врз американските сили доколку тие останеа таму.
Залмај Калилзад признава дека работите не оделе како што сакал, но најголемиот дел од одговорноста и припишува на авганистанската Влада на поранешниот претседател Ашраф Гани и тврди дека тој никогаш не се согласил на поделба на власта.
-Тие претпочитаа статус кво место политички договор, објасни тој.
Залмај Калилзад додаде дека бегството на авганистанскиот претседател на 15 август ја забрза целосната победа на талибанците и го поништи договорот договорен од САД за транзиција и поделба на власта.
-Ова ги охрабри најрадикалните талибанци, кои се многу влијателни во новата авганистанска влада, рече тој.