Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, соопшти дека побарале увид во предметот за пресудата за возачот Менсур Пајазити кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово, а кој доби 2 години затворска казна.
„Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме“, рече тој.
Изрекувањето предизвика бурни реакции во јавноста, а премиерот Христијан Мицкоски го повика Судскиот совет да го разгледа работењето на судијата Елведин Ферати која ја изрече пресудата.
Теодора Ристовска беше смртно прегазена во август 2022 година. На првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди на Основниот и на Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
Судијата Елведин Ферати претходно беше споменуван во јавноста како лице за кое се води предистрага дека си ги поправал оценките со пречкртување на тетовскиот универзитет. Државниот просветен инспекторат лани утврди дека три оценки во неговото досие биле променети со пречкртување. Предметот бил затворен откога јавниот обвинител ги добил документите, кои потврдуваат дека Ферати ги преполагал овие предмети и затоа претходните оценки биле пречкртани.