На телевизија Алфа во дебатната емисија „За или Против“ вечерва гостуваше кандидатот за градоначалник за општина „Валандово“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоко Камчев кој на самиот почеток истакна дека граѓаните веќе препознале кој може да направи многу повеќе за општината и кој ќе реализира повеќе проекти со што во вториот круг се очекува само да се потврди победата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓаните јасно ја изразија својата волја уште во првиот изборен круг и препознаа кој може да направи повеќе за нив, кој ќе реализира повеќе проекти, кој ќе биде поблиску до нив целиот нареден мандат, очекувам само да ја потврдиме победата“, рече Камчев.

Камчев се обрати до неговиот противкандидат и сегашен градоначалник на општина Валандово кој исто така гостуваше во дебатната емисија, и истакна дека општината не се движи во правилна насока заради лошите локални политики а како последица на тоа во општина Валандово сега имало претпријатие кое е на работ на финансиска криза и посочи дека граѓаните ќе го казнат СДС заради ветените проекти, кои никогаш не биле реализирани.

„Нивната борба беше единствено како да дојдат до одредени функции и сето останато да оди во заборав, граѓаните добро ги препознаваат тие политики, во Пирава наместо хлор ставија бензин и никој не понесе одговорност, секундарната водоводна мрежа е сериозна опасност, ние во овој момент имаме јавно претпријатие кое е на работ на финансиската пропаст, наместо да работат тие вработуваа партиски кадри во него и трошеа пари на граѓаните“, рече Камчев и додаде:

„Немате отчет што имате направено до сега, реконструкцијата на детската градинка е обезбедена од претходната локална власт, секогаш кога доаѓа СДСМ на власт економијата ја фаќа цунами, спортот ни оди на најниски гранки. На вториот изборен круг ќе стигне казната за она што вие не го направивте, а го ветивте“.

Камчев истакна дел од приоритетните проекти од изборната програма, со акцент за комплетно ново сообраќајно решение во сите населени места.

„Им ветувам на граѓаните и се обврзувам пред нив дека во наредните четири години најголемиот дел од овие ветени проекти ќе бидат реализирани. Комплетно ново сообраќајно решение за сите населени места во општината, во секое населено место во општината ќе бидат реализирани проекти и во образованието и во екологијата, ќе реализираме проекти за изградба на забавни детски паркови, предвидена ни е зелена енергетски ефикасна општина, секаде кадешто имаме пумпни станици да поставиме фотоволтаици, максимално ќе ги намалиме трошоците за производство, за да граѓаните имаат извесна цена на комуналните услуги“, дециден е Камчев.