Фудбалската федерација на Македонија заедно со Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) претставувана преку нивната мисија во Скопје ја промовираше кампањата под мото „Омразата не игра на наш терен, да ја исклучиме и од трибините“ во процесот на спротивставување и спречување на сите појави на насилно делување и говор на омраза на спортските натпревари.
На прес – конференција во ФФМ свое обраќање имаа генералниот секретар на федерацијата Филип Поповски и шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.
-Со иницирање на активности за подигнување на свесноста за повисоко ниво на толеранција на фудбалските терени и надвор од нив се испраќа порака до навивачите, а особено младите за штетните ефекти од говорот на омраза и нетолеранција. Фудбалот е одлична платформа за испраќање на позитивни пораки. Повикот за фер навивање упатен од страна на нашите сегашни и поранешни фудбалски ѕвезди до македонската фудбалска публика ќе ја пренесе пораката дека фудбалските стадиони се места каде можат да се чувствуваат безбедно и каде сите се добредојдени, изјави генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
Мисијата на ФФМ со поддршка од ОБСЕ во Скопје е да ги штити вредностите и клучните принципи на фудбалската игра, како што се: интегритетот, различноста, дигнитетот, противниците и поддржувачите, сѐ со цел да го заштитиме вистинскиот дух на нашата игра
-Целта на кампањата е да се придонесе кон прифаќањето на мултиетничкиот карактер на општеството и отфрлање на предрасудите, зголемена јавна свесност, особено меѓу спортските навивачи и младите, потоа за штетните ефекти од говорот на омраза и криминалот поттикнат од говорот на омраза во спортот, да се охрабрат спортските навивачи да избегнуваат дискриминаторски, расистички и нетолерантни пароли на и надвор од спортските терени вклучувајќи ги и социјалните медиуми, како и да илустрира како спортскиот однос и фер плејот од страна на навивачите ќе придонесе кон позитивни промени, рече амбасадорот Која.
Преку видео пораки како главни промотори на кампањата се вклучени Баже Илијоски, Висар Муслиу, Теодора Димоска, Илса Максути и Гого Јовчев.