На иницијатива на Општинската изборна комисија, денеска кандидатите за градоначалник на Дебар потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.

На изборите закажани за 21 април за испразнетата градоначалничка функција довербата од граѓаните на оваа општина ќе ја бараат двајца кандидати, познатите дебарски лекари, Хекуран Дука од ДУИ и Арбен Аголи од Алијансата за Албанците.

Пред да ги стават потписите на документот до зградата на општината, каде просторно е сместена Општинската изборна комисија, двајцата дојдоа пеш, минувајќи заедно по главната улица во градот.

И Дука и Аголи кусо изјавија дека ќе сторат се изборната кампања и изборниот ден да минат во демократска атмосфера, онака како што му доликува на европски Дебар.

Во име на ОИК претседателката на комисијата Елмира Бакали им заблагодари на кандидатите што ја прифатија иницијативата и со своите потписи даваат согласност на фер однесување во претстојната кампања.

Предвремени избори во Дебар се одржуваат поради смртта на претходниот градоначланик, Ружди Љата, кој на 65 годишна возраст почина на крајот на ноември, минатата година, по кусо и тешко боледување.