Искусниот италијански тренер Фабио Капело смета дека фудбалерот на Интер, Мауро Икарди, може да ја преземе улогата на Кристијано Роналдо во Реал Мадрид.
Шпанскиот клуб во моментов се наоѓа во криза и на последните четири натпревари нема постигнато гол, а според Капело, со доаѓањето на Икарди овој проблем би можел да биде надминат.
– Неговото доаѓање би требало да претставува приоритет за Реал. Икарди е сличен на Роналдо во однос на нештата што ги правеше во Реал. Ако во шеснаесетникот му дадете три топки, тој трите ќе ги внесе во мрежата, истакна 72-годишниот фудбалски тренер, кој во два наврати го предводеше мадридскиот клуб до шампионската титула во Шпанија – во 1997 и 2007 година).
Икарди изминативе неколку сезони е еден од најдобрите голгетери во италијанското првенство, а сезонава на осум натпревари постигна пет гола. Неговиот договор со Интер истекува во 2021 година.