Круцијална е следната недела во делот на заболени, хоспитализирани, умрени и болнички кревети, изјави вечерва претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5.
– Се уште не сме го достигнале максимумот. Секој респираторен вирус ја има својата активност шест до осум недели. Во моментот сме крај на шестата недела. Круцијална е седмата недела во делот на заболени, хоспитализирани, умрени и болнички кревети, рече Караџовски.
Засега, како што истакна, проценките на Комисијата за заразни болести се дека нема потреба од воведување на дополнителни рестриктивни мерки бидејќи со нив ништо не би се постигнало. Пример се соседните држави што воведоа карантин, но бројот на заболени не се намали.
Што се однесува до пописот, посочи дека пред два ипол месеци било побарано од Комисијата за заразни болести да изработи протокол и оти со тоа завршува нивното стручно мислење.
– Во моментов, епидемилошката состојба е комплицирана, но јас не одлучувам дали ќе има попис. Ако јас одлучувам за се, јас би се викал заменик-премиер. Ние сме го дале стручното мислење преку протоколот, рече Караџовски.
Препораките во протоколот се маска, дистанца и негрупирање, а за лицата кои се позитивни, рече дека ќе се попишат кога ќе излезат од изолација