Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски по боледувањето од Ковид-19, е во добра здравствена состојба. Тој на денешната прес-конференција ги демантираше наводите дека не сака да контактира со медиуми.
– Можам на сите да им потврдам, жив, здрав сум, одам на работа секојдневно и Комисијата за заразни болести после моето преболување одржува редовни состаноци со динамиката којашто ни е одредена од порано, рече Караџовски.
Во однос на динамиката на неговите јавни настапи, истакна дека доколку има потреба тој е слободен и според она што ќе го одлучи МЗ и министерот ќе се одржуваат прес-конференции.
– Дека не сакам да контактирам со медиумите не е точно, меѓутоа исто така не би сакал да станам турска серија, во делот секој ден да ме гледате мене, бидејќи тоа не е во ред исти коментари да има за исти или слични прашања. Кога имаме нешто ново да ви соопштиме е во ред да ви кажам новитети или нешто што не ви е јасно. Ви стојам на располагање за што и да ме прашате, никогаш не сум избегнал одговор, посочи Караџовски.