Во текот на денешниот ден не се пристигнати пријави за новоифицирани со бактеријата МРСА.

За граѓаните е најбитно да не се крева паника, не се работи за тешко смртоносно заболување, се работи за инфекција, изјави денеска епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

Посочи дека во врска со вчерашното известување за појава на бактеријата кај четири лица од кои две деца и двајца возрасни во Скопје, денеска во три наврати контактирал со Државниот санитарен и здравствен инспектора и му било кажано дека нема пристигнати пријави за новоинфицирани.

– Инфекцијата на кожа може да создаде нејзино воспаление и да се појават таканаречени чирчиња кои потешко се лекуваат и бараат подолготраен третман. Опасно би било да се добие МРСА кај штотуку родени бебиња заради фактот дека имаат многу чувствителна кожа и ако имаат кожни промени може да дојде до тешко воспаление на кожата. Оваа бактерија ако ја има во грлото и носот во голема количина може да направи бронхит и воспаление на белите дробови кои тешко се лекуваат, рече емидемиологот Караџовски.

Потенцира дека бактеријата многу често ја има во последно време, а за да стане смртоносна треба да исполнети повеќе услови односно се регистрира кај лица со нарушен имунитет, кај лица кои имаат други тешки заболувања, чие претходно заболување може да придонесе за отежнато и подолготрајно лекување. Оваа бактерија, нагласи, бара посебен третман, заради тоа што нејзината вирулетност е голема и бара изолација.

– Значи секое лице кое е инфицирано со оваа бактерија мора да се изолира од колективот, односно во здравствена институција, во болничка соба каде не може да дојде во контакт со други лица… треба кај матичен доктор да се лекува согласно антибиограмот. Лекувањето трае најмалку седум до десет дена и не смее да се прекинува. Оној момент кога ќе добиеме негативна култура односно кога во брисот од нос и грло нема да најдеме присуство на оваа бактерија лицето може да продолжи со својата работа. Затоа внимателно во делот на испишување или кажување дека се работи за смртоносна бактерија. Истите лица кои вчера беа „тешко болни“ денеска функционираат без проблем, рече епидемиологот Караџовски.

Појасни дека станува збор за бактерија која прави контаминација на својата околина, која тешко се искоренува, заради тоа што не реагира на најголем број антибиотици, но, има антибиотици од групата ванкомицин кои се даваат во редовна употреба за нејзино лекување.

Тој рече дека во носот, ждрелото и на рацете и при секое кивање, кашлање, зборување, чепкање нос и триење со рацете на површината, ја има бактеријата стафилокок.

– Ако рацете не се мијат често пати во текот на денот може со самото поздравување, чепкање и дување нос да се пренесе освен оваа бактерија и одредени количини други бактерии и вируси. Основата на се е недоволната хигиена. Ако се открие бактеријата во болнички установи се констатира дека условите на механичко чистење, дезинфекција и стерилизација на околината во која живеат и работат пациентите и персоналот не е на задоволително ниво, истакна емидемиологот Караџовски.

Додаде дека при испитување на секоја култура, секој брис, потребно се 48 часа за децидно да се каже има или нема присуство на одредена бактерија.