Историски факт е дека бугарската власт и царот биле сојузници на Германија и на Хитлер, но тоа не значи дека Бугарите треба да бидат нарекувани фашисти, изјави бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов во денешното онлајн вклучување на радио Канал 77, каде беше гостин и премиерот Зоран Заев.

Тој зборуваше и за  масакрот во Ваташа, кој според него не се случил бидејќи населението било македонско, туку поради војувањето на државата и комунистите. Рече дека таков случај имало и во централна Бугарија каде бугарската полиција убила 12-13 деца.

– Бугарската власт и бугарскиот цар биле сојузници на Германија и на Хитлер. Тоа е историски факт. Сојузници беа и властите на Италија и на хрватската држава, па не ги нарекувате фашисти. Јас сум одел во Ваташа три пати. Првиот пат во 1994 година. Сум прочитал повеќе документи за Ваташа од вашите колеги. Случки како Ваташа има и во Јастребино во централна Бугарија каде бугарската полиција убива 12-13 деца и ги убива не затоа што се Македонци, туку тоа е граѓанска војна. Државата против комунистите, не против Македонците. Тоа е затоа што комунистите војуваат со државата, и државата против комунистите, а не против етнички Македонци или други. Ваташа е трагичен случај од нашата заедничка историја, смета Каракачанов.