Словенечките здравствени власти денеска повторно предупредија на ризикот од патување на епидемиолошки „црвени“ дестинации во Европа, откако беа откриени нови инфекции кај група од над 600 млади луѓе и нивните придружници кои беа на патување во Грција.

Станува збор за матуранти кои останале во грчките одморалишта кон средината на месецот, претежно на островот Крф. Меѓу нив,  веќе се потврдени 42 позитивни на коронавирусот, а 10-дневен карантин е одреден за повеќе од 600 луѓе, вклучително и контактите кои ги имале во Словенија, изјави Милан Крек, директор на Националниот институт за јавно здравје. (НИЈЗ).

– Очекуваме сите организатори на вакви патувања да се вразумат и конечно да разберат дека земјите од црвената листа се опасни – вели Крек, додавајќи дека од туристичките агенции се очекува да не ја загрозуваат епидемиолошката состојба во Словенија со вакви патувања.

Во Словенија, потврдени се 116 инфекции со 754 ПЦР тестови во последните 24 часа, а еден пациент почина од Ковид-19. Расте и бројот на хоспитализирани, кој сега изнесува 75, од кои 18 на одделенија за интензивна нега, а 14-дневната инциденца на инфекција на сто илјади жители се зголеми на 166.
Со таков развој на ситуацијата, Словенија наскоро ќе се најде на црвената епидемиолошка листа според критериумите на Европскиот центар за контрола на болести.