Во Ватикан деновиве има постојани активности, таму кардиналите одржуваат приватни, неформални состаноци за да размислат за иднината на Католичката црква и работат на подготовките за избор на следниот папа.

„Се среќаваме и во мали групи“, рече кардиналот Вилијам Сенг Чај Го од Сингапур, на заминување од разговорите денеска.

„Ние го поддржуваме оној што е најдобриот. Не знаеме. Но, не избираме папа врз основа на континент, врз основа на расата или врз основа на јазикот“, додаде тој.

Подготовките течат до посебната свеченост на почетокот на конклавата за избор на наследник на папата Франциск, кој беше првиот латиноамерикански папа во историјата, кој почина на 21 април годинава на 88-годишна возраст.