Поранешната прва дама на Франција и супермодел Карла Бруни е обвинета за корупција и се соочува со затворска казна.
56-годишната Бруни е обвинета за притисок врз сведок кој го обвини поранешниот француски претседател, воедно и нејзиниот сопруг, Николас Саркози, за нелегално финансирање на кампањата од Либија, пренесува Sky News.
Поранешната манекенка е ослободена со кауција и не може да контактира со никој вклучен во постапката освен нејзиниот сопруг. Обвиненијата вклучуваат манипулација на сведоци и обид за измама поврзани со нелегални средства за време на кампањата за претседателските избори во 2007 година.
Сведокот Зиад Такиедин потврди дека Саркози примил милиони незаконски плаќања кои биле поддржани од режимот на тогашниот либиски претседател Моамер Гадафи. Никола Саркози, кој беше на чело на Франција од 2007 до 2012 година, веќе е осуден во два други случаи, но цврсто ја негираше вината.
Во февруари оваа година, судот во Париз го прогласи за виновен пред Апелациониот суд за незаконско финансирање на неговата кампања за реизбор во 2012 година, потврдувајќи ја претходната одлука на понискиот суд. Тој е осуден на една година затвор, од која половина е условна.
Неговите адвокати поднесоа жалба до Касациониот суд, највисокиот суд во Франција, и додека жалбата е во тек, Саркози не може да биде затворен според француските закони. Обвинителите тврдат дека тој за изборната кампања потрошил речиси двојно повеќе од законската сума од 22,5 милиони евра. Имено, Саркози потрошил 42,8 милиони евра. Тој загуби од Франсоа Оланд.
Во одделен случај во 2021 година, 69-годишниот поранешен француски претседател беше прогласен за виновен за корупција и трговија со влијание. Тој е првиот поранешен француски претседател во модерната историја кој е осуден на затвор за злосторства извршени за време на неговиот претседателски мандат. Тој се повлече од активната политика во 2017 година.