На „Алпинистичката карпа“ долж Кејот на реката Вардар викендов се одржа 9. Балканско првенство за деца во качување на вештачка карпа – „Атомска мравка“.
Меѓународната манифестација каде што се натпреваруваа повеќе од 150 деца од седум различни земји, ја организираше спортско качувачкиот клуб „Карпош“, со поддршка од Општина Карпош, Град Скопје и Македонската спортско качувачка федерација (МСКЧ).
-Станува збор за олимписки спорт кој е во подем и во нашата земја. Потврда за тоа е и големиот број на учесници од нашата држава, кои покажаа одлична физичка и психичка подготвеност при искачувањето на карпата, соопшти Општина Карпош.
Како што најавил градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, кој присуствувал на настанот, следниот месец ќе започне изведба на нов спортско – адреналински парк, којшто ќе се простира токму на овој потег.
-Во рамки на проектот, целосно ќе се реконструира скејт паркот, ќе се санира и вештачката карпа, а просторот дополнително ќе биде збогатен со нови терени за фудбал и одбојка на песок, адреналински дел, детско игралиште, сквер и многу повеќе зеленило. Овој дел ќе биде меѓу најатрактивните спортско – рекреативни зони во нашиот град.Во разговор со претставниците од МСКЧ, градоначалникот вети дека при санацијата на карпата ќе се земат предвид и нивните стручни забелешки и сугестии, со цел, на вистински начин да се подобрат условите за овој спорт, велат од општина Карпош