Причината што го обедини во коалиција Европскиот сојуз за промени е маката на граѓанинот и маката на Албанецот, вели претседателот на Беса, Биљал Касами. Тој во емисијата „Клик Плус“, меѓу другото рече дека битката нема да биде со Али Ахмети или ДУИ, туку со себеси, за да се надминат, како што рече, личните ега, објавува ТВ 21.

„Од моментот кога самите победивме, сега ни е многу полесно да комуницираме со сите оние кои ја делат оваа визија за државата и Албанците во оваа држава. Затоа, Али Ахмети и ДУИ веќе не ни се предизвик, за нас е предизвик она што го ветуваме, дали ќе успееме да го одржиме ветувањето што им го даваме на граѓаните“, вели Биљал Касами.
реклама

Вели дека вратата на ЕСП е отворена за Зијадин Села од АА, но тргнувајќи од досегашното искуство Касами не верува дека Села би се надминал себеси.

„Се сомневам дека Зијадин Села ќе може да се надмине себеси и да биде во коалиција со мене и другите, бидејќи постојано ме обвинува дека сум злото на АА“, додава Биљал Касами.

Сега, албанската опозиција ја бара довербата на Албанците, и тоа со 20 пратенички мандати.

Биљал Касами: Ако ВМРО бара 60 мандати, ние им велиме на Албанците – дајте ни уште 20 мандати и не грижете се за евроинтеграциите и колективните права.

-Убеден е во победата на ЕСП, дури со резултат 2 спрема 1 против ДУИ.

Б.К.: Не знам за мандати, но во едно нешто сум сигурен. Ние ваму, ДУИ со сите таму, ќе победиме 2 спрема 1.

-Колку пратеници предвидувате…?

Б.К.: Тоа значи, 18 со 9, 20 со 10, зависно од излезноста и на Албанците, и на Македонците.

Поддршката што Албин Курти од косовското Самоопределување му ја дава на ЕСП, Касами ја оправдува со тоа што Албанците од Северна Македонија немаат целосна рамноправност и права загарантирани со Устав како Македонците. Секако дека е неопходно Приштина и Тирана да нѐ поддржат, вели Касами. Првиот човек на Беса ова воопшто не го гледа како потчинување и мешање во внатрешните работи, сѐ додека, како што рече, владејачките органи не ги обезбедуваат правата на Албанците во Македонија.