Ако Владата не предложи и замена на терминот „20%“ во Уставот со зборовите „албански јазик“, Движењето Беса нема да ги поддржи измените за впишување на Бугарите. Ова е ставот на Биљал Касами, кој бара Владата да има ист пристап кон ова прашање, како и за бугарските барања, известува ТВ Алсат.

„Со оглед на фактот дека и за уставните измени Владата нема гаранција дека има обезбедено 80 мандати и го праќа предлогот до Собранието, бараме ист пристап од оваа Влада и за ‘20%’. Владата да го испрати и нашиот предлог и на неколку други пратеници, во овој случај Огнената група во Собранието и ние како Движење Беса гарантираме дека ќе ги поддржиме измените. Ако Владата тера инает со Движењето Беса и не ја стави во процедура замената на 20%, тогаш ние како Движење Беса сметаме дека не сме должни да ги поддржиме уставните измени“, рече Касами.

Касами го повтори својот став дека нема да биде дел од проширена или преодна влада. Според него, по уставните измени веднаш треба да се оди на предвремени парламентарни избори.

„За нас е прифатлива каква било форма на Влада, но во оној момент кога ќе се направат уставните измени веднаш да се распишат избори. Политичкото владеење не може да постои без застапеност на Албанците во таа влада“, додава Касами.

Наводното жртвување на ДУИ заради евроинтегративниот процес, Касами го смета за смешен театар за политички поени, а за Алијанса за Албанците вели дека е обичен сателит на ДУИ во Владата.