Откако пред два дена Али Ахмети му порача на Билал Касами да го фрли белиот пешкир во рингот за да не добие класичен нокаут, вчера одговор испрати лидерот на БЕСА.

Касами во интервју за „Еуроњуз Албанија“ вели дека Али Ахмети е фатен од синдромот на Мендух Тачи, кој само се заканува и со заканувачки и навредливи зборови го плаши албанскиот народ.

„Најдобриот одговор ќе го добијат на 8 мај од овие Албанци. Тој ќе биде нокаутиран од албанските гласачи на 8 мај“, вели Касами.

 

Според Касами, нивната моќ е загрозена кога им се случува опозициска коалиција. Тие, додава Касами, се здружуваат не за интерес на Албанците туку за да го заштитат своето нелегално стекнато богатство.

„Албанците ја имаат првата можност со еден глас политичките фигури кои се одговорни за бегството на Албанците да ги осудат и да донесат нов модел на владеење“, додаде тој.

Носителот на листата од „Вреди“ во шестата изборна единица Билал Касами досега неколкупати изјавуваше дека нивната програма ќе биде победничка и дека по парламентарните избори ќе бидат дел од владината коалиција.

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети во петокот од Боговиње им порача на лидерите на коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ дека се 20 години на власт и дека не можат да се сметаат за опозиција.