Приказните на Али Ахмети се бајати и граѓаните не можат да ги проголаат, е оценката на претседателот на Движењето Беса, Билал Касами за изјавата со која лидерот на ДУИ побара од истражните органи да ги проверат наводите за аферите кои се поврзани со него или со кој било член на владејачката партија. Касами не верува дека за тоа се способни македонските правосудни органи и затоа бара Ахмети и градоначалникот на Струга веднаш да поднесат оставки, за да се спречи нивното влијание врз обвинителите и врз судиите.

„Истрагата што ја води САД не ви е доволна, па го прозивате и Обвинителството да го истражи џамбазот од Струга. Но, ние ќе ве прашаме едно. За кого зборувате, за кое Обвинителство? За тоа што го води вашиот слуга , кој е под тотална контрола од ваша страна и е фатен од глава до пети? Зборувате за она обвинителство кое на чело го има Ислам Абази, кој не знае како завршил во вашите домови, а на сликите токму вашиот брат му стои над глава. За кој суд зборувате господине Ахмети, за кој суд? Оној што го водат ваши блиски луѓе, а на кој и вие самите не му верувате, а камоли населението, чија доверба не е ниту четири проценти? Кој ќе ги истражува Мерко и вашиот внук за корупција? Државната комисија во која народот има уште помала доверба? Ако сте толку уверен во повикот до обвинителството, судот и антикорупциска, може ли во име на вистината да ни објасните, како вашиот внук преку ноќ стана милионер, со капитал тежок 32 милиони евра?“, вели Касами.

Касами побара од Ахмети да појасни како е можно неговиот внук да стане милионер преку ноќ.

„Ако сте толку уверени во повикот до обвинителството, судот или до антикорупционерите, може ли во име на вистината да појасните, без да навлегувате во истрагите што ги барате, како внук ви успеал, преку ноќ, едно утро да се разбуди со милиони на својата сметка?. Може ли вие и вашиот директор Фестим да ни објасните, дали внукот, во знак на благодарност, се сликал со него пред да го добие грантот од 80 000 евра или по него? Господине Ахмети, бидејќи сте толку сигурни во она што го зборувате и во ветингот што го барате, можете ли да ни објасните како се случи концесијата за хидроцентралата за 23 години?, праша Касами.

Иако побара од Ахмети и Мерко да се повлечат за да се отвори пат за вистинска истрага, Касами е уверен дека тие тоа нема да го сторат. „На крајот, народот ќе ви ја изрече најдобра пресуда,“ рече тој на денешната прес-конференција.