Добредојдовте во главниот град на Албанците во … Македонија, напиша на „Фејсбук“ градоначалникот на Тетово oд партијата БЕСА, Билал Касами.
Неговата објава предизвика бројни реакции кај корисниците на социјалните мрежи.
„Немој да бараш втор мандат“, „Дали вие сте градоначалник на Тирана?“, се само дел од коментарите.
Тоа го натера Касами да се дообјаснува.
Тој за „Макфакс“ посочува дека во објавата на социјалните мрежи не напишал дека Тетово е „главен град“ туку „центар“ на Албанците во Македонија.
„Не се работи за никаков ‘главен град’, туку за ‘центар’ на Албанците во Македонија. Во објавата стои многу јасно тоа што сакавме да го кажеме. Тоа е реалноста, а тие што сакаат да ја злоупотребат, се обидуваат да и дадат друга насока“, вели Касами за „Макфакс“.
Сепак, тетовскиот градоначалник реши да не одговори каква порака испраќа со објавата, ниту дали ги прочитал коментарите под неа. Граѓаните го потсетија и дека градот со кој раководи е најзагаден.
„Ало дечко, Тетово такво какво што е никакво а се тоа е поради твојата неспособност. Не е достојно да се спореди ни со селата околу Тирана“, се вели во еден од коментарите.
Во друг коментар се вели: „Ловиш поени во матно не доликува на еден градоначалник во мултиетнички град“.
„Тоа пред огледало да си го кажуваш и пак нема никогаѓ да биде вистина! Да, главен град на загаден воздух, гнасни улици, 20 метра недовршени асфалти, кучиња, град без паркови, мафија итн. На тоа си ти градоначалник и ништо друго“, му порача друг жител.