Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер призна дека имало безбедносен пропуст при минатонеделното четирикратно убиство во една полициска станица во Париз.
Министерот Кастанер призна дека е безбедносен пропуст тоа што не биле забележани знаци за радикализација на полицискиот службеник, кој минатиот четврток уби четири лица во париската Префектура на полицијата.
Тој денеска за радио „Франс Ентер“ изјави дека службеникот претходно пред колегите ги „оправдувал“ исламистичките екстремистички напади од 2015 година врз францускиот сатиричен весник „Шарл ебдо“, но дека тогаш за тоа не бил составен официјален записник, иако била отворена интерна истрага и судска истрага.
Овој долгогодишен полициски службеник во четвртокот со нож уби четворица свои колеги, а потоа друг негов колега, полицаец, го уби во самоодбрана.
Обвинителот за борба против тероризмот изјави дека напаѓачот веројатно бил во контакт со членови на ултраконзервативно исламистичко движење.
-Неговата сопруга, која беше приведена, е пуштена на слобода без никакви обвинувања, рече кастанер.
Полицискиот службеник Микаел Арпон, инаку програмер, според извештаите бил мирен и никогаш не создавал проблеми. Дополнително било утврдено дека преминал во ислам и дека бил радикализиран. Бил под заклетва за чување државна тајна, бидејќи како програмер имал пристап до доверливи документи.