Колапсот на таканаречениот „глечер на судниот ден“ може да доведе до катастрофално зголемување на нивото на морињата.
Токму затоа што брзо се топи, научниците се обиделе да го реконструираат неговото минато и откриле зошто и кога започнал тој процес, пишува CNN.
Глечерот Твејтс на Западен Антарктик е најширокиот глечер во светот и е со големина колку Флорида. Научниците знаеле дека мразот го губи со забрзано темпо од 1970-тите, но бидејќи сателитските податоци се стари само неколку децении, не знаеле кога почнало топењето.
Тие конечно добиле одговор на тоа прашање, се вели во студијата објавена во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.
Со анализа на морскиот талог извлечен од дното на океанот, научниците откриле дека глечерот почнал да се топи во 1940-тите, веројатно поради многу силниот ефект на Ел Нињо. Оттогаш, глечерот не може да се опорави, а причината за тоа може да биде зголеменото влијание на климатските промени, за што е виновен човекот, се вели во студијата.
Што и да се случи со глечерот Твејтс ќе има глобални последици. Досега придонесе за глобално покачување на нивото на морето за четири отсто, но неговиот колапс би го подигнал нивото на морето за повеќе од 65 сантиметри.
Покрај тоа, тој има витална функција за одржување на стабилноста на ледената покривка на Западниот Антарктик. Работи како приклучок, пишува Си-Ен-Ен, па неговото пропаѓање би ја поткопало стабилноста на ледената покривка, чие топење би го подигнало нивото на морето за три метри, што би довело до катастрофални поплави ширум светот.
Истражувањето го открило однесувањето на глечерот во последните речиси 12.000 години. Благодарение на оваа информација, научниците веруваат дека знаат зошто почнал брзо да се топи.
– Ова беше поттикнато од екстремниот Ел Нињо, што се случи веројатно кога глечерот веќе беше во фаза на топење. Тоа е исто како кога некој ќе те шутне кога веќе си болен, последиците ќе бидат многу посилни и поголеми – изјави Џулија Велнер, професорка по геологија на Универзитетот во Хјустон и една од авторите на студијата.
Тед Скамбос, глациолог од Универзитетот во Колорадо во Болдер, не бил вклучен во истражувањето, но вели дека тоа потврдува многу од она што е познато за глечерот Твејтс.
– Системот беше блиску да стане нестабилен кога се случи силен удар на природен феномен. Понатамошните настани зависат повеќе од климатските промени и се дел од поширокото топење на глечерите – изјави тој за Си-Ен-Ен.