Македонската театарска сцена одамна ја познава по нејзината тивка, но силна упорност. По настапите што не се придружени со помпа, туку со концентрација, прецизност и емотивност. Катерина Шехтанска (1980 година, Скопје), актерка со стабилен чекор и поранешна балерина (а долго време беше и дел од студиото по модерен танц „Ребис“) едно е од оние имиња што полека, но сигурно се врежувале во современата уметничка мапа на земјава.
Нејзината уметничка приказна започнува уште во детството, кога преку танцот (и актерските настапи во театарот), го гради чувството за ритам, дисциплина и телесна експресија. Нешто што денес природно го носи со себе на секоја јавно објавена фотографија. Подоцна, актерството ѝ станува втор дом (или прв), кој по дипломирањето на ФДУ го лоцира во Драмски театар – Скопје, каде што е дел од ансамблот од 2011 – та, место каде што ја обликува својата професионална зрелост.

Оваа театарска сезона вниманието е свртено и кон неа. Новата постановка на легендарната комедија „Болва в уво“, што од 17 декември станува дел од репертоарот на Драмски, носи свежа енергија, нова естетика и големи очекувања од публиката, а Шехтанска е дел од тимот кој треба да го реанимира овој класичен водвиљ во 21-от век. Предизвикот е голем: жанр што бара беспрекорна прецизност, игра на темпо, ритам и физичка подготвеност, токму нештата што ѝ се добро познати.
-„Болва в уво“ е најлудата и најзабавна „театарска машина“ за хаосот, создадена од Жорж Фејдо, мајсторот на француската фарса, во режија и адаптација на хит-мејкерот Синиша Евтимов. Еден мал сомнеж, една љубовна несигурност и една болва што ќе се всели во умот, се доволни да го распламтат тркалото на недоразбирањата. Од тој момент натаму, сè се движи со брзина на светлина: погрешни врати, погрешни соби, вистински љубовници во погрешно време и погрешни луѓе на погрешни места. А секој обид да се поправи ситуацијата, ја прави истата уште полоша. Оваа претстава е експлозија на енергија, страст и комика, вели Шехтанска, која покрај театарските, брои и над дваесет филмски и ТВ улоги, ТВ водителка и балерина, сопруга и мајка на две деца.

Долго време ве немаше на театарската сцена…?
-Тоа што не играв подолг период не беше по моја вина секако. Јас напротив, барав и сакав да играм, ама знаете кај нас секогаш го добивате истиот одговор од секој директор, а тоа е „режисерите така сакаат“. Кај нас е се некако поделено на „јас, ти, тој ние, вие, тие“ табори како кланови и, ако не си дел, а јас не сум, ќе си седиш дома . Точно знаеме кој режисер со кои глумци работи , од секогаш било така. Ретки се оние кои влетуваат, ако нема кој друг или „ај, не играла долго време, а зема плата“. Ако си искрен, а сум, ќе си седиш дома, како што и си седам со години. Овој инцидент и мене ме изненади (се смее, нов.заб.)
Кажете ни нешто за вашата улога во „Болва в уво“?
-За оваа улога конкретно немам што да кажам, затоа што сум во процес . Улогата во претходната постановка на Драмски и српските ја нема, не постои. (Во оригиналниот текст сепак, постои. Тоа е сопругата на сопственикот на хотелот, нов.заб.) Веројатно не е тоа некој битен лик и лесно оди на „природен“ штрих. И затоа на такви улоги посебно треба да се внимава, затоа што и татко ми така ме учел (татко и е Александар Шехтански, еден од доајените на македонското глумиште, нов.заб.), дека нема потреба од многу текст за да направиш забележителна улога и публиката да те памти. И со само една појава на сцената треба да умееш да оставиш белег. Улогата е мала, но се зависи од мене .
Од се што имате играно до сега, која најмногу ви го променила погледот на професијата?
-Искрено, за жал, немам одиграно многу улоги со оглед на моите години, но сепак јас сум дете растено на сцена и првата улога ја имав на свои девет години, па сега на 30 или 40 тоа што сум го одиграла до сега немало со што и зошто да ми промени некои видици кон оваа професија. Всушност, повеќе се имам разочарано од одиграното. Малку се оние претстави и улоги што мене лично ми се допаѓале и што сум ги играла со задоволство онака, со ќејф.

Дали претпочитате комедија или драма?
-Сакам повеќе комедија и мислев дека повеќе се пронаоѓам во тој жанр, ама како поминуваат годините се повеќе имам желба да одиграм некоја тешка драма, затоа што мислам дека ја достигнав таа животна зрелост што е потребна за таква улога. Откако ќе помине човек поприлично премрежија низ животота, кои со смешка ги дочекувал и испраќал и на крај си велиш „добро, доста е. Се посмеавме, супер беше се, ама навистина, доста е. Сепак, една актерка треба да игра во театар, филм, а не животот да и биде театар, филм, нели?!“.
Постоењето на „ризик“ ви е мотив плус кога прифаќате нови проекти или…?
-Сакам нови проекти, нови предизвици, ама некако не ми даваат. Сакам во секоја улога да има предизвик, ама „јбг“, тоа е … Колку е поглупава улогата, веднаш мене ми ја доделуваат (се смее, нов.заб.).
Вашето балетско и танцово искуство е голем дел од вашиот уметнички пат. Како тоа влијае на вашиот актерски пристап?
-Не можам танцот да го искористам еве, веќе со години на театарската сцена. Се направија бројни кореодрами, мјузикли, а јас не бев дел од ништо од тоа. Како да не постојам! Можеби и јас сносам вина за таквата ситуација, не знам… Знам дека јас сум таква, каква што сум и немам намера да се менувам, а и не мислам дека треба. Се надевам дека набрзо се ќе си дојде на своето место во моите вокации.

Дали некогаш посакувате да се вратите на сцената само како балерина?
-Дали посакувам? Мислам дека и само тоа го посакувам! Да се вратам на сцената само како балерина и да заборавам и на ФДУ и на глумата и сево ова досега да ми изгледа само како лош сон. Многумина и ме знаат како балерина, за жал за оној краток период како балерина оставив поголем белег, отколку како актерка. Никогаш нема да им простам на ФДУ што ме оделија на таков начин од балетот, ме натераа да бирам, за на крајот да останам и без едното и без другото. Затоа што набрзо после тоа бев тргната на страна без проекти како неталентирана нели актерка, ќерка на глумец која „едвај завршила факутет“ (нели со врски, а крв проплукав), и не бев вработена десет години (пак, дека ќерка на глумец). Не знам од кои причини, ама изгледа планираа да ме стават во фиока како намерно заборавено писмо, но ете, случајно почнав по телевизиски проекти (надвор од театарот), емисии, народни приказни, синхронизации, водителство… И оп, станав позната и тука веќе немаше како да се реализира тоа – „ја заборавивме“. Меѓутоа, ќе смислат нешто друго кај и да е, верувам. Веќе со години се вергла „не игра, не е талентирана“ или „не ја сакаат режисерите“. Фала ви, ама не мора да ме сакате. Сакајте си ги најблиските, а на работа, ајде да работиме!
Што мислите дека актерите можат да научат од танчерите, и обратно?
-Вака сега, балетот и глумата се компатибилни и не можат еден без друг, колку и да се негира тоа. Исто е и со музиката. За комплетен актер се смета тој што знае и да пее и да танцува и инструмент да свири. Јас за жал учев клавир, ама знам само да изглумам дека свирам. Музикална сум, не пеам баш најдобро, ама па затоа растурам со танц (се смее, нов. заб.)

Колку е тешко денес во Македонија да се изгради стабилна актерска кариера?
-Стабилна актерска кариера? Хм, звучи како утопија. Веројатно кај некој ќе успее и успева, а кај повеќето многу тешко или ич. Мислам дека денес во Македонија е се тешко, освен згради да се градат, да се краде, лаже, манипулира, остава народот на цедило… Секако, много е полесно да се изгради политичка кариера отколку актерска или било која друга. Се надевам само дека почна да се работи да му се стави веќе крај на тоа.

Фото: приватна архива




