Младата уметница Симона Манчева се пласира во финале за светска награда на тема „Баналноста на Злото“. Вака одлучило жирито со членови од различни делови на светот, како и куратори.
-Јас сум сликар но овојпат се претставувам со боена скулптура. Моето дело ќе биде изложено на изложбата во Берлин во септември 2020 година. Вкупно 575 квалификувани записи од 89 земји што ги исполнија барањата за аплицирање, беа објавени на каналите за социјални медиуми за јавно гласање. Еден победник во секоја уметничка категорија кој ќе добие 2.000 долари, ќе биде објавен пред јавноста на изложбата во Берлин во септември, рече Манчева за МИА.
Се работи за дело насловено „Јудита“, со димензии 22 × 45 × 20 сантиметри.
-Инспирирана бев од Јудита, жена од Библијата која низ историјата на уметноста е доста прикажувана и од Јустиција, божица на правдата. Во описот на моето дело стои дека е застрашувачка, нераскажана и неразбирлива баналноста на социјалната и природната класификација. Човечката баналност може да стори кривично дело толку добро. Потребни се желба, страст и енергија … Но што е видливо, квантитетот или квалитетот? Колку долго жените се борат за своите права? Правдата и борбата за опстанок, образование и соживот е неизбежна. Ниту едно чувство или ситуација не е засекогаш, но последиците можат да бидат долготрајни, нагласи 31-годишната уметница, магистер на науки од ликовната уметност.
Манчева е позната по тоа што преку уметноста руши предрасуди и табуа, се бори против сите видови дискриминација. Особено внимание предизвика со своите изложби на тема сексуална работа и секс играчки.
За какво натпреварување станува збор, во кое таа е финалист, може да се види на веб страницата https://www.boeart.org/