Кавадарци добива современ затворен базен со спа центар, проект кој претставува значаен чекор напред за спортско-рекреативниот и туристичкиот развој на општината.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше во работна посета на Кавадарци, каде заедно со градоначалникот Митко Јанчев изврши увид во тековните градежни активности на повеќе капитални проекти.

Изградбата на затворениот базен е финансирана од Министерството за спорт со средства во висина од 65 милиони денари, а преку вториот владин повик обезбедени се дополнителни 35,5 милиони денари за доградба на објектот со спа центар.

Во рамките на работната посета, се изврши увид и во изградба на мост преку реката Луда Мара до село Марена, вовед во работа преку вториот повик на Влада, финансиран од Министерство за транспорт со 12 милиони денари.

Официјално денеска беше пуштен во употреба и реконструитаното регулирано речно корито од мост ,,Видео Смилевски” до Северен булевар. Се работи за проект финансиран од Вардарски плански регион и Општина Кавадарци,  ВПР со 9 милиони и Општина Кавадарци со 43 милиони денари.

Се изврши и увид во тековни активности, фекален колектор Опитно поле, преку  втор повик на Влада, финансиран од Министерство за животна средина, со 9.3 милиони денари.

Во изјава за медиумите, градоначалникот Митко Јанчев рече дека Општина Кавадарци во моментот заедно со Владата, а некаде над 80 проценти поддржани проекти од Владата, има отворени проекти од над петнаесеттина милиони евра.

-Ова може да кажам дека е една градежна експанзија, еден голем развој и за општина Кавадарци, меѓутоа и за целата Тиквешија. И со тоа можам да бидам горд како градоначалник, посебно благодарен на Владата за максималната поддршка и за развој на општина Кавадарци, меѓутоа и за развој на целата Тиквешија. Би кажал дека во моментот сме еден регион каде што се развиваме и во делот на економијата, во делот на инфраструктурата, во делот на капиталните и инфраструктурни проекти. Морам да потенцирам дека со одобрение на премиерот веќе се изработува проектот за заобиколница за Тиквешијата, што ќе биде со вредност од над дваесеттина милиони евра, рече Јанчев.

Тој додаде дека денеска разговарале и за развој на винскиот туризам и на винскиот пат со повеќе вклучени странски гости коишто може да ги имаме и мислам дека тоа е правиот момент за развој на една општина, покрај економскиот, туристичкиот дел, инфраструктурните проекти.

Во Кавадарци денеска беше и министерот за спорт Борко Ристовски, кој потсети дека базенот беше почнат пред повеќе години, но дека сега добива поинаква слика.

– Што се однесува до денешниот настан, мислам дека е убав почеток на една година, работен почеток на се она што Владата на Република Македонија и преку Министерството и преку ресорните министерства, го вложува во локалните самоуправи. Сигурен сум дека до крајот на месец август некаде отприлика ќе биде завршен и ќе биде пуштен во употреба и предаден на Општина Кавадарци, ќе можат сите граѓани да ги чувствуваат бенефитите и сите оние дечиња, што е главна дејност на базенот да учат пливање тука и нормално, сите оние коишто сакаат да се рекреираат – да се рекреираат, нагласи Ристовски.

Премиерот  Мицкоски рече дека се започнува оваа 2026 година овде во Кавадарци.

– Да направиме увид на реализирање на неколку инфраструктурни проекти од исклучително големо значење за Кавадарци, но и за регионот, како што кажа и градоначалникот, додаде премиерот.

Тој им честиташе на посветената работа на градоначалникот и на министерот и им се заблагодари на советниците на администрацијата во Општина Кавадарци, во Министерството за спорт, на пратениците им се заблагодари коишто доаѓаат од Кавадарци, а кои, како што рече, се борат за проект повеќе за Кавадарци, за кавадарчани, за Тиквешијата.

Притоа посака набргу од денеска сите овие проекти на кои извршија увид да бидат завршени и да се пуштат свечено во употреба.

-Бидејќи ќе бидат додадена вредност во квалитетот на животот како што кажавме, не само на кавадарчани, туку генерално на Тиквешијата, подвлече Мицкоски.