Со одлуката од 22 октомври Регулаторната комисија за енергетика уште еднаш ја потврди својата нестручност и селективна примена на Законот за енергетика, а дополнително во образложението за одлуката наведува невистинити информации. Ова се вели во реакцијата на компанијата Макпетрол на одлуката на РКЕ за определување на ескалираната густина и деескалираната густина на секој нафтен дериват и гориво за транспорт, висината на надоместокот за премија, транспортините трошоци до склад во Македонија, висината на надоместокот за трошоци за работење преку склад и трговска маржа со вклучени транспортни трошоци од склад до бензински станици и крајни потрошувачи.
„Поради нестручноста и селективноста на членовите на РКЕ, Макпетрол АД како и многу пати до сега, повторно бара либерализација на пазарот односно, слободен пазар при формирање на цените на нафтените деривати. Впрочем, исто како што е либерализиран пазарот и во земјите членки на Европската Унија, со кои РКЕ ги прави споредбите.
Ваквото однесување на членовите на РКЕ создава само штети и несигурност на пазарот, бидејќи нафтените компании преку овие несовесни политики се спречени да инвестираат во својот развој, како и во развојот на своите вработени“, се вели во реакцијата на Макпетрол.
Веднаш следеше реакција од РКЕ која истакнува:
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија (РКЕ) ја известува јавноста дека со Одлуката за густини и маржи на нафтените деривати објавена во Службен весник на 22 октомври 2020 година се отсликува реалната состојба на пазарот на нафтени деривати и овозможува цените на нафтените деривати да ги штитат и интересите на потрошувачите и интересите на трговците.
Доколку РКЕ постапеше по барањата на трговците за зголемување на маржата, тоа во пракса ќе значеше и зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во износ од над 2 денари по литар.
РКЕ одлучи да ја задржи постојната трговска маржа со цел да ги заштити интересите на крајните потрошувачи, а особено земајќи ја во предвид економската криза поради пандемијата од Ковид 19.
РКЕ во целост ги отфрла навредите и квалификациите на компанијата Макпетрол за членовите на РКЕ и истите ги толкува како емотивна и неаргументирана реакција во отсуство на реално образложение на барањето на компанијата за зголемување на маржата.
РКЕ и понатаму ќе ја следи состојбата на пазарот со нафтени деривати и ако е потребно ќе преземе соодветни чекори согласно своите надлежности со единствена цел да ги заштити интересите и на потрошувачите и на трговците.
Либерализацијата на пазарот на нафтени деривати не е во надлежност на РКЕ. Либерализираните пазари во соседните земји имаат повисоки цени на нафтените деривати во износи од над 20% од цените во Република Македонија. Ако сега во услови на монополска позиција на пазарот со нафтени деривати, во Македонија се случи либерализација на овој пазар тоа ќе значи ценовен шок за сите потрошувачи и удар на економијата.