Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите војници, кои биле дел од мировните сили испратени во Казахстан за да помогнат во задушувањето на насилните немири, се вратиле во Москва.
Четири авиони со руски припадници на мировните сили, испратени од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), слетаа на аеродромот во Москва.
ОДКБ го одобри испраќањето на контингент со повеќе од 2.000 војници на 5 јануари, на барање на казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев, откако избија насилни немири.
Една недела по пристигнувањето на силите, Токаев на 13 јануари изјави дека ја завршиле мисијата и најави постепено повлекување.
Претседателот на Казахстан вчера го смени министерот за одбрана Мурат Бектанов, критикувајќи го за наводно отсуство на раководство.
– Не успеавме да го искористиме потенцијалот на армијата во критична ситуација поради несигурноста на раководството и бевме принудени да прибегнеме кон странска помош, рече Токаев.
Протестите започнаа на 2 јануари во градот Алмати поради наглото зголемување на цените на горивото, но брзо се проширија низ целата земја и прераснаа во демонстрации проследени со немири во кои загинаа повеќе од 220 луѓе.