Министерствата за здравство и за внатрешни работи упатија апел до граѓаните да се воздржат од употреба на петарди и друга пиротехника, бидејќи, како што порачаа, „тие не се играчка и можат да предизвикаат сериозни, трајни и неповратни повреди“.

Институциите повторуваат дека празниците треба да бидат време за радост и создавање убави спомени – без ризик по здравјето и безбедноста.

Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција информираше дека за новогодишната ноќ биле хоспитализирани седум лица со повреди од употреба на пиротехнички средства.

– Пораката мора да се повторува секоја година, затоа што последиците од недозволената употреба на пиротехнички средства и понатаму се опасни. За новогодишната ноќ двајца возрасни и пет деца беа хоспитализирани поради посериозни повреди на прстите, при што кај дел од нив беше извршена ампутација. Три деца беа примени во Ургентниот центар, две на Детската клиника и двајца возрасни на Клиниката за пластична хирургија. Фактот дека меѓу повредените има деца, а кај дел од нив е направена ампутација, јасно зборува за сериозноста на последиците, рече министерот Алиу.

Tој упати апел до граѓаните да не се користат пиротехнички средства за преостанатиот дел од празниците, бидејќи, како што рече „петардите не се играчка, нивното користење е забрането и може да предизвика сериозни повреди“.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека институциите системски пристапиле кон проблемот и информираше дека во 2025 биле запленети над 252 илјади парчиња пиротехника, а 32 лица биле лишени од слобода. Во една од последните акции, како што рече, биле одземени над 35 тони пиротехнички средства, а приведен бил и полициски службеник.

– „Кажи не на пиротехника“ е кампања која претставува конкретен пример како координираното дејствување на институциите може да има влијание врз здравјето и безбедноста на граѓаните, а особено на најмладите, рече Тошковски.

Тој апелираше родителите да не дозволуваат пристап на децата до пиротехнички средства, бидејќи, како што рече, последиците од нивната употреба можат да бидат трајни и неповратни.

Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, потсети дека кампањата „Создавај спомени без повреди“ се спроведува деветта година по ред.

– Да дадеме порака кон сите, кон целиот наш народ – да имаме убави спомени, а да немаме повреди, да сме сите здрави, порача таа.

Сподели дека кампањата во декември 2025 година опфатила 13.659 ученици од 135 основни и средни училишта низ 26 градови во Македонија, со едукативни предавања и практични примери.

(МИА)