Секторот за внатрешни работи Тетово ги засили контролните и други активности поврзани со навремено откривање и спречување продажба и употреба на петарди и други пиротехнички средства, а кои наредните денови уште повеќе ќе се интензивираат.
-Во таа насока, на трговците, родителите и учениците (основци и средношколци) повторно им се укажува дека продавањето, односно купувањето и активирањето на петарди на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради и слично, претставува законски прекршок, за кој согласно член 31 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир е предвидена глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност. Нивното набавување и дистрибуирање на пазарот во поголеми количини е спротивно на Кривичниот законик на Република Македонија и за тоа дело е предвидена казна затвор од најмалку пет години, соопштиja од СВР Тетово.
Од таму апелираат, пред се до учениците од основните училишта, подалеку од ваквите опасни играчки, кои неретко можат да предизвикаат и сериозни последици по нивното здравје, односно повреди на рацете, очите и другите делови од телото.
Секторот за внатрешни работи Тетово ги потсетува граѓаните (член 32 од ЗППЈРМ) дека со парична глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе се санкционираат и сите оние кои на јавно место неовластено приредуваат огномети, факелијади или слични приредби и не ги преземат потребните заштитни мерки согласно соодветната законска регулатива, како и оние кои со огнено оружје пукаат на свадбени или други семејни свечености.