Пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина изјави дека договорот за прекин на војната во Украина е „навистина блиску“ и оти сега зависи од решавањето на две главни отворени прашања – иднината на украинскиот регион Донбас и нуклеарната централа Запорожје.

Русија почна голема инвазија на Украина во февруари 2022 година по осум години борби меѓу сепаратистите поддржани од Русија и украинските трупи во Донбас, кој се состои од регионите Доњецк и Луганск.

Војната во Украина е најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна и го предизвика најдлабокиот конфликт меѓу Русија и Западот од Студената војна.

Специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, кој треба да се повлече од функцијата во јануари, пред „Националниот форум за одбрана Реган“ изјави дека напорите за решавање на конфликтот влегле во „последните 10 метри“, што, како што забележа тој, е секогаш најтешкиот дел.

Двете главни отворени прашања, рече Келог, се однесуваат на територија – првенствено на иднината на Донбас – и иднината на украинската нуклеарна централа Запорожје, најголемата во Европа, која е под руска контрола.

– Ако ги решиме овие две прашања, мислам дека останатите работи ќе бидат решени прилично добро, рече Келог во Претседателската библиотека и музеј „Роналд Реган“ во долината Сими во Калифорнија.

– Речиси сме на целта. Навистина сме многу, многу блиску, рече Келог.

Според првичните американски предлози, нуклеарната централа Запорожје, чии реактори моментално се затворени и во ладен погон, би била рестартирана под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), а произведената електрична енергија би била подеднакво поделена меѓу Русија и Украина.